Грнчарски занает

Грнчарски занает — еден од најстарите занаети со кои човекот се занимава уште од античко време. Грнчарскиот занает е уметност на производство на керамички садови од глина и е еден од првите занаети што се појавиле со појавата на човечката култура. Изработката на предмети од глина е едно од најстарите вештини кај луѓето, за што сведочат бројните археолошки наоди уште од Младо камено време.

Историја на грнчарскиот занает

Создавањето предмети од глина е една од најстарите активности на човекот. Уште на почетокот, човекот забележал дека може да ја обликува глината. Првин изработувал едноставни форми, на кои се забележуваат и детали како што се отпечатоци од прсти и од школки на самиот предмет. Подоцна почнал да ги пече предметите во оган, со што тие стануваат поцврсти и поотпорни. Грнчарството се поврзува со старите семитски народи – Келтите. Најстарите производи биле рачно обликувани, украсени со жлебови и неглазирани, а подоцна се изработувале на грнчарско тркало кое се врти со рака или нога и било познато во Мала Азија и Египет пред 3.500 година п.н.е. а во Европа пред 1.000 години. п.н.е Во словенската керамика се појавило дури во 11-12 век.

Грнчарството во Македонија

Грнчарството е еден од најстарите занаети кој представува значаен сегмент на традиционалната култура која се развивала во Македонија. Грнчарството е застапено во оние краишта во Македонија каде што има квалитетна грнчарска земја, а тоа се најчесто места расположени по речните долини или по старите езерски котлини што се богати со наноси од убава земја- глина. Најзначајни грнчарски центри во минатото биле: Скопје[1] со с. Драчево, Велес, Злетово, Ресен, Струга, Дебар, с. Блаце (Тетовско), Прилеп, с.Вранештица (Кичевско)[2], с. Габровци (Радовишко), Струмица, Куманово и Берово. Грнчарството до крајот на 50 тите години од 20, век заземало значајно место во секојдневниот живот на населението како во градовите така и во селата не само во Македонија туку и кај соседните народи на Балканот. Изработката и користењето на грнчарските производи во текот на повеќе илјади години, сведочи за фактот колку грнчарските производи биле неопходни во секојдневието на човекот низ историјата. Една од основните одлики на нашето народно традиционално грнчарство е дека напоредно со современата грнчарска техника на ножно или рачно грнчарско коло кое било распространето по цела Европа, во некои заборавени рурални предели речиси до неодамна се одржала и техниката на рачна изработка на грнчарски садови, без грнчарско коло.

Тоа се садовите кои спаѓаат во групата на таканаречена "женска керамика", кои се изработува традиционално исклучиво од страна на жените, под строго утврдени обредни правила: црепна, вршник, попци, питуличарка и др.

  • Грнчарски садови за храна: грниња,тенџериња,тави, каленици,котлајки, рукатки, -врчви.
  • Грнчарски садови за пијалаци: стомна, канати, кондири, грнајќи и сл.

Грнчарски алати

Во грнчарскиот занает се употребувале различни алатки, направи и помагала. Основна направа која се користела било грнчарското колце кое било изработено од дрво. Составено од две тркалести плоштини „табанче“ и „коло“ меѓусебно поврзани со метална вертикална оска „вретено“ кое во долниот дел со помош на стапалото на мајсторот се врти во своето лежиште.

Рачник вид на мелница во која се меле глеќта, бочило, каљача, мазнич, шипка, имзикало, ракља, жица, дрвен нож, дрвена лопатка и цреп со вода за мокрење на рацете на мајсторот. За украсување на глинените производи се употребуваат неколку вида алатки:

  • Будуче –земјен сад на кое било вградено цевче обично од мисиркино перо со кое се изведувала декорацијата на садот.
  • Ќортек – дрвена алатка направена од правоаголно штиче и назабено дрвено ваљаче се употребувала за правење рецки на глинените садови.

Фази на изработка на глината

Грнчарскиот занает е физички доста напорна работа која бара сила и прецизност. Процесот започнува со копање на глина, нејзин транспорт до работилницата на грнчарот. Потоа глината се става во јама наречена „калник“ и се покиснува со вода. Калникот обично бил висок околу 1 метар и имал правоаголна форма. Глината одлежувала околу 10 дена а во тој период се разбивала со мотики за да се разбие глината. Ваквата глина немала потребна цврстина па затоа ја удирале со дрвени токмаци да добие компактност. Глината во себе содржела нечистотии па со косичење кое се вршело со помош на жица која на крајот имала прицврстени дрвени рачки глината се сечела на танки парчиња се додека не се отстранат сите нечистотии од глината.

Газењето со нозе за да омекне е последната фаза од процесот на подготовка на глината. Од неа се формирале глинени трупци кои потоа се покривале со мокри крпи за да не се исуши глината до нејзината изработка во производи. Овој начин на обработка на глината се практикувал скоро до 1930 година. Потоа со воведување на машини со валјаци за мелење и месење на глината на грнчарите им се олеснил птоцесот на подготовка на глината.

Грнчарот на грнчарското тркало ја става глината и со голема умешност мајсторот почнува да создава грнчарски предмети со своите раце. Со своите раце ја оформува глината до саканиот производ а потоа го става глинениот сад да се потсуши. Кога грнчарот ќе изработи доволен број на производи стомни, грниња, тави, бардаци се сушат и тоа зависело од временските услови и големината на грнчарските садови[1]. Обично овој процес траел од еден до два, три дена.

Енгобирање или полевање на исушените земјени садови се врши врз земјените садови за да добијат поголема глаткост и поубава црвена боја. За енгобирање се користи црвена земја или бела земја „ума“која се кисне па се процедува а потоа со неа се полеваат глинените производи.

Украсување или шарање на производите се вршело со раце или со употреба на будуче кое шарање се вршело на грнчарското колце. Грнчарските производи потоа се глазираат и се подготвуваат за печење во фурна на дрва[1]. Печењето трае од 5 до 6 часа и се достигнува температура од минимум 700 степени целзиусови.

Секој производ е различен, има своја уникатна вредност. Целиот процес е едноставен, традиционален, а крајниот продукт воодушевува со едноставноста и убавината. Во грнчарскиот занает, за секој член од семејството има некаква работа, независно од возраста. Бидејќи грнчарството не може да трпи одлагање, а работата во изработка на производите мора да тече континуирано.

Грнчарскиот занает во Охридско-струшкиот регион

Грнчарскиот занает во Охридско-струшкиот регион бил пренесен од Голо Брдо (Албанија)[3]. Со него се занимавале семејствата Миладиновци и Голабовци. Струшките грнчари со производи ја снабдувале целата околија. Нивните грнчарски производи биле квалитетни и не се разликувале по својот квалитет од велешките и ресенските грнчарски производи. Во почетокот на 20 век семејството Миладиновци го напуштило овој занает. Во 1923 година биле забележани 6 грнчарски работилници[3], додека во 1937 година се споменува само едно лице грнчар.

Грнчарскиот занает во Кумановско

До Балканските војни населението во овој крај се снабдувало со грнчарски производи од велешките грнчари. Со доселувањето на некои луѓе од Пирот започнува грнчарскиот занает и во кумановско[4]. Некаде околу 1905 година во Куманово се доселил Михајло Петровиќ со браќата грнчари Владимир и Илија. Во тој период започнале да работат и грнчарите Димо и Жико Спасиќ кои исто така биле доселени од Пирот. Во наредниот период од 1919 до 1962 година се отвориле уште неколку грнчарски работилници и во Куманово[4] биле евидентирани 19 грнчарски работилници меѓу кои и грнчарите во селата Речица и Табановце[5]. Развојот на индустријата по Втората светска војна имало големо влијание и на овој занает во 1993 година е забележано дека грнчарската традиција ја продолжуваат само Миодраг Митровиќ од с.Долно Коњаре, Јован Пешиќ и Србољуб Трајковиќ од с. Табановце.

Грнчарскиот занает во Велес

Грнчарско колце иѕработка на стомна

Грнчарството го носи духот на Велес.[6] Овој традиционален занает што успеа да преживее векови на предизвици и денес е симбол на градот. Во минатото со грнчарство се занимавале сиромашните семејства. Грнчар бил и Кочо Рацин, еден од најголемите македоски поети. Грнчарите биле принудени со часови да копаат во месноста Рупите во потрага по квалитетна глина. Неретко, тие го ризикувале и животот за што сведочат податоците во историските записи за млади грнчари кои загинале од одрони обидувајќи се да ископаат најквалитетна глина. Денес во Велес постојат уште тројца активни грнчари кои го продолжуваат занаетот и традицијата на Грнчарскиот занает.

Грнчарството денес

Во Македонија[7], според последните сознанија, денес творат околу триесетина грнчари. Во село Злетово - општина Пробиштип има двајца, Куманово двајца, во Велес тројца, Неготино двајца, Кавадарци еден, Струмица еден грнчар и Ресен еден, додека во цела Западна Македонија единствено во селото Вранештица работат околу 12 грнчари, кои живеат исклучиво од занаетот. Затоа селото Вранештица ја претставува последната оаза на грнчарството во Македонија. Грнчарските производи сеуште имаат побарувачка на нашиот пазар, а во некои средини ваквите производи се користат во домаќинствата, но се почесто ги среќаваме и како украс во домовите кој потсетуваат на едно време и традиција. Со цел зачувување и запознавање на помладите генерации со грнчарскиот занает З.Г. Разбој со подршка од Општина Велес од 2010 година реализира грнчарски практични работилници за заинтересираните ученици[8]. До пред две децении во ССОУ „Коле Неделковски“ постоел керамички смер. Во Велес на пазарот сеуште се продаваат глинени производи но најмногу за верскиот празник Задушница.

Галерија

Наводи

  1. 1,0 1,1 1,2 Дојчиноски, д-р Киро (1996). Занаетите и еснафите во Скопје. Скопје: Матица Македонска. стр. 79.
  2. https://reper.net.mk/2013/06/30/od-teloto-na-majka-zemja/
  3. 3,0 3,1 Митрески, д-р Павле (1983). „Занаетчиството во охридско-струшкиот регион 1918-1979“. НИО „Студентски збор“. Скопје: 123.
  4. 4,0 4,1 Рогановиќ, Трпа (1993). „Грнчарскиот занает во Куманово од почеток на 20 век до денес“. Етнолог. Скопје: Списание на Здружение на етнолози на Македонија (3): 68–78.CS1-одржување: датум и година (link)
  5. https://zelenaberza.com.mk/trajkovik-od-tabanovcze-chetiri-generaczii-grnchari/
  6. https://mrt.com.mk/node/74650
  7. https://museum.org.mk/page/etnologija
  8. https://duma.mk/region/veles-3/2013-06-18-14-08-10/

Надворешни врски

Prefix: a b c d e f g h i j k l m n o p q r s t u v w x y z 0 1 2 3 4 5 6 7 8 9

Portal di Ensiklopedia Dunia

Kembali kehalaman sebelumnya