Саатчиски занает

Саатчиски занает или часовичарски занает — изработка и оддржување на часовници.

Историјат

Најраната употреба на терминот часовничар се смета дека датира од 1390 година, околу еден век откако се појавиле првите механички часовници.[1] Од почетокот на 15 век до 17 век, изработката на часовници се сметала за технички најнапредниот занает што постои. Историски гледано, најдобрите часовничари често правеле и научни инструменти, бидејќи долго време тие биле единствените занаетчии обучени за дизајнирање прецизни механички апарати. Еден пример, хармониката била измислена од млад германски часовничар, која потоа масовно ја произведувал друг часовничар, Матијас Хонер.

Пред 1800 година, часовниците биле целосно рачно изработени, вклучувајќи ги сите нивни делови. Веќе од 19 век, деловите за часовници почнале да се прават во мали фабрики, но вештите работи за дизајнирање, склопување и прилагодување на часовникот сè уште биле обврска на мајсторот часовничар. До 20 век, заменливите делови и стандардизираните дизајни дозволиле целиот часовник да се составува во фабрики, а часовничарите се специјализирале за поправка на часовници.

Во Германија, градовите Нирнберг и Аугсбург биле рани центри за изработка на часовници, а Шварцвалд се специјализирал за дрвени часовници со кукавица.[2]

Занаетот во Македонија

За време на турскиот период во Скопје била изградена првата саат-кула во периодот меѓу 1566 и 1572 година. За оддржување на сатот во исправна состојба се грижел специјален саатчија.[3]

Кон крајот на 19 и почеток на 20 век во Скопје се користеле ѕидни, џебни, рачни часовници од разни стилови и мерки. За изработка на ѕидни часовници било користено дрво од орев, зеленика или махагон. Првите механички часовници имале само една стрелка и груб бројчаник изгравиран со римски броеви. Со воведување на нишало кај часовниците се постигнало поголема точност при мерење на времето, а потоа се појавила и стрелката за мерење на минути. Подоцна била воведена и стрелка за секунди.

Откако Турците се иселиле од Скопје овој занает подолго време бил во криза заради тоа што со Турците се иселиле и голем број занаетчии. Од друга страна населението за време на војна речиси и да не купувало часовници. Биле барани ѕидни часовници од Швајцарија и Германија, а џебни часовници од Швајцарија. Се продавале и евтини часовници кои не се поправале.

Меѓу двете светски војни во Македонија бил направен напор да се формира мајсторски кадар за поправка на часовници. Во 1934 година бил донесен Правилник за изработка на задачи за мајсторски испит, според кој секој мајстор морал да има минимум позанавање на оваа проблематика.

Наводи

  1. „Clock“. Encyclopedia of Antiques. Old and Sold Antique Marketplace. Посетено на 2008-04-20.
  2. Shull 1963, стр. 65.
  3. Д-р Киро Дојчиноски: Занаетите и еснафите во Скопје, ММ Скопје 1996, стр. 133
Prefix: a b c d e f g h i j k l m n o p q r s t u v w x y z 0 1 2 3 4 5 6 7 8 9

Portal di Ensiklopedia Dunia

Kembali kehalaman sebelumnya