Петре Мито Андреевски (Слоештица, Демирхисарско, 25 јуни1934 — Скопје, 25 септември2006), попознат како Петре М. Андреевски— македонски поет, романописец, раскажувач и драмски автор. Се вбројува меѓу најдаровитите, а воедно и најпопуларните македонски поети и раскажувачи. Неговите приказни се честопати необични и чудно испреплетени, но во особеноста на својата упатеност кон читателот, раскрилуваат еден познат и близок свет, што го препознаваме како ехо на дамнешни, напати, темни кажувања. Во мај 2000 година бил избран за редовен член на МАНУ.[1]
Андреевски бил добитник на наградите: „11 Октомври“ (во 1968 година), „Браќа Миладиновци“ (двапати), „Рациново признание“ (двапати) и „Стале Попов“ (двапати).[2][3] Романот “Пиреј“ македонската критика го прогласи за ремек-дело на македонската современа проза, а збирката “Дениција“ ја има означено како химна на космичката љубов, химна на жената и татковината и златна книга на македонскиот модернизам.