Википедија:Викиекспедиции 2018
Во текот на 2018 година биле организирани пет викиекспедиции, со кои би биле опфатени следните области:
Прва експедицијаКарти на посетени места Подрачја во Општина Виница (лево) и Општина Делчево (во средина) и Општина Пехчево (десно) покриени со експедицијата ![]() ПијанецОваа несудена експедиција во Пијанец требаше да се одржи најпрвин кон крајот на 2017 година, но поради многубројни причини беше одложена за 2018 година. Подоцна рековме таа да биде прва за оваа година и ја планиравме во викендот околу Велигден, но поради лошите временски услови, експедицијата повторно не се одржи. Сепак, решени да одиме и да ја одржиме експедицијата, не можеше да не поколеба повторно времето, кое цело време беше променливо минатиот викенд. Така, со веќе еден месец стар список на истражени села, со направена резервација за спиење, во петокот попладне (на 11 мај) тргнавме кон Делчево. Покрај вообичаените членови, Ehrlich91, Kiril Simeonovski, Полупрофесионален Шофер, овој пат имавме нов член, нашиот фотограф, Firnein. Прв денСаботата почнавме подоцна од вообичаеното кога одиме на експедиции поради лошата организација на местото каде што престојувавме, кое нема да го памтиме по убави моменти, но сепак во 10:00 часот се упативме кон двете пехчевски села, Црник и Панчарево, кои се дел од областа Пијанец. Во селото Црник затекнавме стара џамија, за која подоцна телефонски добивме информација дека била стара 400 години, но во текот на минатиот век срушена и изградена денешната џамија на нејзино место. Во селото Панчарево, пак, ја затекнавме срушената црква „Св. Спас“, од која денес се останати само остатоци. Потоа се упативме кон Општина Делчево и веднаш наидовме на вистинска борба да ја најдеме црквата во селото Нов Истевник, кое е поделено на десетина маала, секое со различен влез од регионалниот пат Делчево-Берово. За жал, не успеавме да ја фотографираме, иако ја дознавме нејзината локација. Во востаничкото Разловци има што да се посети, но за жал Спомен-домот на Разловечкото востание е во очајна состојба, а селото со својата местоположба и историска позадина може да биде вистинско туристичко одредиште. Ретко кој знае дека во Македонија постои село Град, над кое виси кулата Градиште, а во истото село се наоѓа и најисточната пештера во Македонија, кон која Кирил и Нино се упатија да ја посетата, но на крај тоа заврши неуспешно, бидејќи скалите кои биле поставени во минатото не се во функција. Во истото село, чувме и легенда дека под карпите на Градиште бил направен тунел за железничка пруга. Овој проект многу пати ни покажува дека теренската посета не може да ги замени материјалите и книгите, бидејќи ако не отидевме во селото Стамер, немаше да знаеме дека мештаните направиле нова селска црква, која е прва во селото. Веќе кон селото Ѕвегор времето значително се влошуваше, но сепак успеавме да го опфатиме селото во целост, заедно со неговиот преубав манастир кон границата со Бугарија, како и новата селска црква и разрушената џамија, од која е останато само минарето. По невремето, за кое време искористивме да ручаме, посетивме уште две села во близина на градот Делчево, Габрово и Чифлик. Втор денВо неделата, времето започна со неочекувано чисто небо, но веќе по завршувањето на нашиот појадок и упатувањето кон првото село на Осоговските Планини, Киселица, започнаа првите капки дожд. Сепак, како што се движеше дождот се движевме и ние, но успевавме да ги фотографиме овие раштркани села, кои понекогаш е многу тешко да ги одредиш кога едното завршува, а кога другото започнува. Во селото Киселица повторно откривме црква за која немавме информации согласно официјалниот список на верски објекти дека постои во тоа село, а тоа е црквата „Св. Ѓорѓи“. За моја особена радост успеавме да ја пронајдеме и фотографираме најстарата црква во Делчевско, црквата „Св. Петка“ во селото Селник, каде не фати дожд, за што сведочи нашата групна фотографија. Сепак, немавме таква среќа да ја пронајдеме втората значајна црква, онаа во Драмче, бидејќи до нејзе водеше земјен пат во должина од неколку километри, а земјата веќе беше доволна влажна и каллива од дождот кој паѓаше во текот на денот. Одлучивме да не ризикуваме и продолживме кон Вратиславци, последното село на Осоговските Планини за овој ден. На пат кон дома, ги посетивме и селата Бигла, заедно со спомен-куќата на Дедо Митко, ороводецот од овој крај, Турија, како и две села во Општина Виница, Трсино и Трстија. Имено, селото Трстија, некогашно маало на селото Трсино, според одлука на Министерството за локална самоуправа од 2014 година е прогласено за село, што го прави едно од најновите села во Македонија. По ручекот во Штип, дождот повторно беше со нас, овој пат пороен дожд со грмотевици, кој не следеше до влезот во Скопје. Галерија
ФотографииСите фотографии направени за време на викиекспедицијата се достапни во следнава категорија: Втора експедиција![]() ![]() ![]() АзотПовторно со најава за дожд, викендот на 9 и 10 јуни екипата на Викиекспедиции отиде во посета на најсредишната област во Македонија, Азот. Сепак посетивме и села од областа Клепа. Овој пат добивме нов член, па така Наташа Величковска за прв пат дојде на една експедиција со нас. Покрај Наташа, повторно дојде и Firnein, како и Ehrlich91, Kiril Simeonovski и Полупрофесионален Шофер. Петокот попладнето се упативме кон мотелот „Ѕидан мост“ во Богомила, сместен во дел од централното основно училиште „Петар Поп Арсов“, а именуван по познатиот Римски мост во селото. Прв денВо саботата рано утрината се упативме кон трите села северно од Богомила, односно најпрвин го посетивме Нежилово со својот познат рибник, а ги најдовме и двете селски цркви и ја сликавме плочата за Невена Ѓорѓиева-Дуња, убиена од бугарските окупатори. Подоцна, се упативме кон двете мијачки села од областа, Папрадиште и Ореше. Во Папрадиште преовладува црквата „Св. Петар и Павле“ и плени со својата убавина, а воедно од нејзиниот двор на дланка го имате целото село. Во Ореше, веднаш отидовме до манастирот сместен над селото, до каде се стигнува по убав асфалтен пат. Во манастирот имаше доста посетители, а самиот домар ни кажа дека вака е скоро секој викенд. Во Ореше влеговме за да ја фотографираме главната селска црква, додека гробјанската црква не бевме во можност поради почеток на дождот, кој скоро цел ден ќе не следи. По појадокот (или ручекот подобро кажано) моравме да се упатиме до Велес, бидејќи во целата област нема ниедна бензинска пумпа. По дополнувањето со гориво, продолживме со села од областа Клепа, па така се упативме кон Ораовец, Витанци и Војница. Од патот кон селото Ораовец го фотографиравме целосно раселеното село Витанци, каде на неговиот атар денес се наоѓаат само викендици. Од него продолживме кон селото Војница, од каде потекнува поетот Коле Неделковски, каде веќе започна земјен пат. Во селото одвај ја најдовме главната селска црква „Св. Атанасиј“, па мислејќи дека е на друга страна, стигнавме до манастирската црква „Св. Атанасиј“, од каде веќе доаѓаа повеќе возила. Главната црква во селото, целосно обрасната со висока трева, одвај се гледаше, иако е во непосредна близина на влезот во селото. Откако завршивме се упативме кон селата Бусилци и Долно Врановци, до кои водат земјени патишта и особено проблематичен беше тој до Долно Врановци, кое беше прогласено за географски центар на Македонија. И во двете села, црквите беа на голема оддалеченост и ги фотографиравме само од далечина, бидејќи времето веќе се спремаше за нов дожд. Додека веќе читавме дека во Скопје имало јако невреме, ние уште имавме добри услови и продолживме до селото Стари Град, каде веќе почна да врне, но сепак Наташа и Кирил отидоа да ја фотографираат црквата во селото. Иако сакавме да ги посетиме и сите села од Извор натаму, одвај и да успеавме да влеземе во Извор, кога започна јак дожд. На крајот, одлучивме да одиме кон рибникот во Нежилово на вечера, а попатно ги фотографиравме селата Согле и Теово, каде се наоѓа стар јавор од 15 век на самото сретсело. Втор ден![]() Вториот ден пред појадокот го започнавме со прошетка низ Богомила, каде го фотографиравме манастирот „Св. Спас“ над селото, училиштето, поштата, пазарот (секоја недела во селото постои пазарен ден), спомен-куќата на Петар Поп Арсов, селската црква „Св. Атанасиј“, како и прекрасната Бабуна. Воедно, низ самото село тече и малата рекичка Сушица, на која се направени безброј мали мостови до куќите. Откако појадувавме се упативме кон селото Бистрица, каде ги најдовме двете селски цркви, но за жал не успеавме да стигнеме до манастирот „Св. Петар“, бидејќи на крајот на селото имаше поставено рампа, која ја поставиле мештаните поради заштита на својата шума. Од таму се упативме кон последните три азотски села, Ораов Дол, Габровник и Мокрени. До Мокрени води убав асфалтен пат, кој продолжува и до манастирот „Св. Спас“ над селото. Главната селска црква „Св. Никола“ сместена на сретсело, прогласена за споменик на културата, сепак беше заклучена, дури и однадвор, а скоро и да не се гледаше од високата трева. До Ораов Дол стигнавме по земјен пат, каде еден повратник во летните месеци ни кажа дека селската црква ја обновиле, а чекале да им биде асфалтиран и земјениот пат. Токму тој веќе ни кажа дека патот до Габровник е во лоша состојба и дека нивната црква целосно пропаднала поради неодржување, поради што на крај се решивме да не отидеме. На крај, се упативме повторно кон селото Извор, поранешно општинско седиште на истоимената општина. Како и многу пати на оваа експедиција, се одлучивме да се поделиме во два дела со цел побрзо опфаќање на селото, па така едни отидоа да ја фотографираат едната црква која се гледаше од селото, за на крај да излезат дека постојат две цркви именувани „Св. Атанасиј“, од која едната во рамки на манастир, додека другите го фотографираа самиот извор, по кој селото го добило името. Потоа се упативме по некогашниот планиран регионален пат Велес-Прилеп, кој е асфалтиран само до болницата Јасеново, а понатаму продолжува како земјен, со камења и дупки на многу места. Од овие села ги посетивме Владиловци, историската месност Јасеново (поранешно село), Смиловци (барем така ни покажа знакот) и на крајот влеговме во селото Степанци. Тука беше најтешкиот пат на целата експедиција, со кал на повеќе места, но на крајот бевме пречекани со поздравот „Добро ни дојдовте драги гости“ испишан на бело платно и закачен на влезот во селото. За само неколку минути дојдоа маж и жена, родум од селото и имавме убав разговор со нив. Искористивме да ни ја отворат селската црква, за која ни кажаа дека пропаднала целосно, но дека успеале да ја обноват. Ни кажаа дека селото има и свој манастир, до кој водел трикилометарски земјен пат, но веќе на враќање почна да врне, поради што се решивме да се враќаме. На крајот посетивме вкупно 21 село и поминавме над 700 километри, голем дел од нив по земјени патишта, кои ни одземаа многу време, но сепак ги избегнавме големите дождови и имавме воглавно добри услови. Галерија
ФотографииСите фотографии направени за време на викиекспедицијата се достапни во следнава категорија:
Трета експедиција![]() ДримколВикендот 21-22 јули 2018 година го посветивме на посета на областа Дримкол, сместена долж течението на реката Црн Дрим. Покрај села од оваа област, ги опфативме и селата во малата област Малесија. Повторно се продолжи низата на нови членови во нашата екипа, па така првиот ден на експедицијата со нас беше и долгогодишниот фотограф и учесник на повеќе фотографски натпревари, Darkocv. Покрај Дарко, повторно учесници беа Ehrlich91, Kiril Simeonovski и Полупрофесионален Шофер. Експедицијата ја започнавме вообичаено во петокот попладне, кога тргнавме од Скопје кон мотелот „Кутмичевица“ во Вевчани, каде што бевме сместени. Прв денДенот го започнавме со мала прошетка низ селото Вевчани, фотографирајќи стари куќи, главната селска црква „Св. Никола“, основното училиште (новиот и стариот објект), уреденото корито на Вевчанска Река, самото сретсело, а подоцна повторно се вративме во мотелот, каде што го имавме нашиот обемен и вкусен појадок. Откако дојде и Дарко, кој по потекло е од низинското село во Струшкото Поле, Драслајца, се упативме кон најоддалечените села во областа Малесија, кои беа и најтешки за посета, бидејќи до сите нив водат земјени патишта. Патот води преку хидроелектраната „Глобочица“ каде што и завршува асфалтот, а подоцна продолжува земјен пат, кој на одредени места е со голем наклон. На патот кон селата Буринец и Селци го имавме првиот механички проблем со нашето возило, кој беше брзо надминат, со што стигнавме во овие села, како и во селото Локов. Во Локов имавме можност за разговор со повеќе мештани, со што поминавме и доста време. Воедно, од црковниот двор имавме убава можност да ги фотографираме селата Зб'жди и ’Ржаново, кои Дарко веќе ги има посетено и фотографирано нивните цркви. Воедно, на патот кон селата за Малесија, го фотографиравме селото Глобочица, до кое може да се дојде само со баржи преку езерото. Откако завршивме со селата од Малесија, се упативме кон најоддалечените села во областа Дримкол, кон селата Дренок и Модрич. Сепак, иако до селото Дренок води асфалтен пат, тој на многу места е премногу оштетен, особено на стрмните кривини и не се препорачува со лесно возило. Во селото поминавме долго време додека успееме да ја лоцираме нивната селска црква, но сепак потрагата беше успешна. Подоцна, во селото Модрич ги фотографиравме бројните селски цркви, меѓу кои и „Св. Архангел Гаврил“, која претставува метох на Бигорскиот манастир. Од регионалниот пат повторно се исклучивме за да го посетиме некогашниот општински центар, селото Луково, каде што за жал ја најдовме само гробјанската црква „Св. Лука“, додека останатите цркви не успеавме да ги пронајдеме. Потоа, отидовме кон најживото село во областа, селото Јабланица, кое е уникатно и поседува интересна поставеност, длабоко во истоимената планина. Селото поседува бројни цркви во различните маала, како и една помала џамија, а во селото сѐ уште работи и училиштето. На доаѓање до Јабланица, ја фотографиравме црквата „Св. Никола“ во селото Нерези, додека на враќање од селото, поминавме низ селото Безово, фотографирајќи ја селската црква „Св. Димитриј“. Втор денДенот повторно го завршивме со прошетка низ селото Вевчани, при што пробавме да ги најдеме и фотографираме бројните куќи прогласени за културно наследство на Македонија. По појадокот се упативме кон гробјанската црква „Св. Варвара“, а при тоа посетивме и други помали параклиси. Од оваа црква се упативме директно кон селото Подгорци, каде излеговме на селскиот пазар, сместен веднаш под селската црква. Во селото успеавме да ги најдеме и останатите две селски цркви, како и џамијата. Иако, планот првично ни беше после полнењето бензин да се упатиме назад кон Вевчани и да продолжиме кон Горна Белица, сепак продолживме кон најјужните села во областа. На крајот, преку селото Вишни успеавме повторно да дојдеме до селото Горна Белица, од каде преку локалниот пат за Вевчани повторно се вративме во него, за да го посетиме соседното село Октиси. На враќањето од Октиси, поминавме уште еднаш низ Вевчани, за да ја фотографираме црквата „Св. Спас Долен“. Од тука се вративме на регионалниот пат и се упативме кон големото село Лабуништа и соседното село Бороец, каде ги фотографиравме црквите и џамиите. Сосем на крајот на експедицијата се упативме кон селата Пискупштина, каде што добивме изненадувачки лош однос од еден мештанин, кој ги испитуваше нашите мотиви за фотографирање на нивната селска црква и дека за тоа наводно било потребно одобрение од месната заедница. По овој непријатен момент се упативме повторно кон селото Нерези, каде имавме за задача да ги пронајдеме останатите цркви, во што и успеавме и со тоа ставивме крај на една успешна експедиција. Галерија
ФотографииСите фотографии направени за време на викиекспедицијата се достапни во следнава категорија: Четврта експедиција![]() КопачкаПо тримесечна пауза, повторно отидовме да ја истражуваме Македонија, овој пат викендот 20-21 октомври 2018 година го посветивме на областа Копачка, сместена во изворишното подрачје на реката Треска. Уште на пат кон областа рековме дека ќе посетиме и три села од Железник, кои административно се воделе како дел од поранешната Општина Другово (денес припоена кон Општина Кичево). И овој пат имавме нов член во нашата екипа, односно корисникот Brsjakovski, кој уредува за родовите и беше добра прилика да се запознае со нашиот начин на спроведување експедиции. Покрај него, повторно учесници беа Ehrlich91, Kiril Simeonovski и Полупрофесионален Шофер. Експедицијата ја започнавме вообичаено во петокот попладне, кога тргнавме од Скопје кон мотелот „Норас Ранч“ во близина на градот Кичево, каде што бевме сместени. Прв денДенот го започнавме со движење кон најоддалечените села, како што вообичаено ги спроведуваме експедициите, а тоа во случајов беа трите села од областа Железник, за кои се согласивме дека треба да ги опфатиме во оваа експедиција. Најпрвин појдовме до славното револуционерно село Цер, каде што пронајдовме три цркви, споменикот на Христо Узунов, направивме одлична панорама на селото, стари индустриски хангари на „ПроГранит“, како и сретселото. Подоцна, се упативме кон опустените села Мало и Големо Црско, во кое за наше изненадување (најверојатно поради викендот) имаше голема раздвиженост и во кои успешно ги пронајдовме селските цркви и направивме фотографии од самите села. При симнување од селската црква „Св. Ѓорѓи“ на Мало Црско, сместена на ридот помеѓу Мало и Големо Црско, го добивме првиот коментар и прашање кои сме и зошто ги фотографираме црквите, како што на оваа експедиција многумина ќе го поставуваат истото прашање. По завршувањето на овие три села во најголемото карстно поле во Македонија, Церското Поле, се упативме кон селото Прострање, од кое веќе имаше фотографии на Википедија (едно од ретките), поради што се упативме кон фотографирање единствено на селските цркви, бидејќи токму од нив немаше ниту една фотографија. Тука наидовме на пријатен разговор со мештанин одговорен за селските цркви, со кој зборувавме и за обновата на дел од старото училиште и негова пренамена во планинарски дом на друштвото Ендорфин од Кичево. Само што го заминавме од селото, започна дожд, најпрвин ситен, а подоцна и пороен дожд, со што во селото Белица, не можевме да се задржиме многу и фотографиравме колку што дозволуваа условите. Тука, помисливме дека експедицијата нема да биде успешна, но сепак дождот престана, времето се подобри и успешно стигнавме до Кладник, село кое изненади со својата архитектура, големата селска црква, која во тој момент добиваше и нов фрескоживопис од кичевски мајстори. Потоа, следуваше родното село на Јордан Пиперката, односно селото Козица, кое има и културен дом посветен на големиот револуционер, а на самата селска чешма има и плоча за загинатите борци, на која стои дека загинале за „самостојна Македонија“. Тука, мештанин на селото го искажа својот револт од неодамнешното изгласување на почетокот на менување на Уставот на Република Македонија, со прашање „дали сега можеби ќе треба да ја менуваат и самата плоча“. Подоцна, се одлучивме да продолжиме со уште три села: Свињиште, Брждани, Јудово и Видрани, кои се наоѓаа во непосредна близина на регионалниот пат Кичево-Демир Хисар, а потоа да се упатиме кон единственото мијачко село Ехлоец и селата околу изворот на Треска. Брждани некогаш важело за големо село, каде што во неговиот низински дел се наоѓаат и подрачно училиште и пошта, додека Видрани отсекогаш претставувало мало село, но сепак ја има задржано старата архитектура и сретнавме мештани кои ни покажаа каде се наоѓа главната селска црква, како и новата црква изградена неодамна. Од селото има добар поглед кон Кичевскиот манастир, кого го посетивме наредниот ден. Исто така, го посетивме и селото Јудово, чија селска црква е сместена на рид над селото и помеѓу стари дабови дрвја. На патот кон селото Ехлоец заклучивме дека нема да имаме време да ги посетиме селата Горна и Долна Душегубица, поради што решивме да отидеме до селото Попоец во непосредна близина на селото Извор и со него да ја завршиме експедицијата. До Ехлоец и Иванчишта, сместени на надморска височина од 1.000 метри, водат асфалтни патишта, но на места доста стрмни. Двете села поседуваат големи селски цркви, а нивната архитектура е многу слична на куќите во селото Гари од другата страна на планината. На враќање од овие две села, поминавме и до селото Кленоец, чиј асфалтен пат е прекинат поради активностите на изградбата на новиот автопат Кичево-Охрид. На симнување од ова село, имаше совршен поглед на селото Извор. Втор денВториот ден го започнавме со посета на селото Малкоец, од кое веќе направивме панорамска фотографија кога бевме горниот дел на селото Попоец претходниот ден. Потоа, се вративме во селото Извор, за да ја фотографираме поштата, по што продолживме кон селата Горна и Долна Душегубица, кои поседуваат една единствена селска црква, сместена помеѓу двете села. И до нив, асфалтниот пат е прекинат поради активностите на новиот автопат. Потоа, продолживме кон селото Лавчани, каде постара жена во селската црква бараме докази и дозволи за фотографирање на црквата, несигурна дека не сме некои крадци, поради што моравме да објасниме кои сме и што правиме таму. И до ова село, пристапниот пат е нарушен поради градбата на автопатот. Подоцна, преминавме на спротивната страна од Лавчани, и се упативме кон селото Подвис, каде во 1943 година било создадено првото училиште на македонски јазик. Одма се упативме по земјениот пат кон старото село Подвис, кое се испразнило после Втората светска војна и полека се префрлило во низинскиот дел, во непосредна близина на регионалниот пат Кичево-Охрид. Во старото село се останати само неколку куќи кои пропаѓаат и една зачувана, во која се криеле борците за време на војната. Во селото сретнавме повратник од Скопје, кој започнал да ја уредува старата селска црква, во која уште се спроведуваа градежни активности, кој ни го покажа и старото училиште, до кое се стигнува по тесна козја патека, сместено високо над селото. Тој ни кажа дека наставата најпрвин започнала во селската црква. На враќање, седнавме со него и со друг мештанин од селото, со кои имавме пријатен муабет. По овој мал одмор продолживме кон селата Горно и Долно Добреноец и Јаворец, кое беше најголемиот предизвик за оваа експедиција, односно до селото водеше земјен пат со камења и песок. Селото е целосно испустено и од него е останата единствено селската црква на самото сретсело. До останатите две села има солиден асфалтен пат. Полека се враќавме кон Кичево, кога влеговме да го посетиме селото Пополжани, кое исто како и Подвис ја има сменето својата положба и чија селска црква исто така се наоѓа во старото село, но за жал немаше ознака како да се стигне до таму, поради што продолживме кон Кичевскиот манастир, до кого води убав асфалтен пат. Манастирот изобилува со својата убавина и дефинитивно треба поголема афирмација за илјадниците луѓе кои патуваат кон Охрид да можат да свратат во ова светилиште. На крајот го посетивме и поранешното општинско седиште Другово, кое во минатото било населено со муслиманско население, но по повлекувањето на Турците, христијанското население надвладеало. Денес, во селото на мала далечина се наоѓаат селската црква и џамија. За завршување на сите села од подрачјето на поранешната општина Другово, отидовме до селото Манастирско Доленци и Србјани. Во Манастирско Доленци, за жал, немавме среќа да ја утврдиме положбата на селската црква, додека на гробиштата го најдовме недоправениот објект на новата гробјанска црква. Во Србјани, успешно ја пронајдовме старата црква „Св. Петар и Павле“, од каде се пружа убав поглед на целото село. На крај го посетивме селото Кнежино, сместено над градот Кичево, до кој води убав асфалтен пат низ борова шума и од каде се пружа одличен поглед на целиот град Кичево. Со ова село, за прв пат ги посетивме сите предвидени села на една експедиција некогаш. Галерија
ФотографииСите фотографии направени за време на викиекспедицијата се достапни во следнава категорија: Петта експедицијаКарти на посетени места Подрачја во Општина Прилеп (лево, североисточни села) и Општина Кавадарци (десно, две северозападни села) покриени со експедицијата ![]() РаецЗа последен пат во 2018 година се упативме кон малата област Раец во средишниот дел на Македонија, сместена помеѓу градовите Кавадарци и Прилеп. Тргнавме во утринските часови на 1 декември 2018 година од Скопје во состав на Ehrlich91, Kiril Simeonovski и Полупрофесионален Шофер. Како и на секоја експедиција, најпрвин се упативме кон најоддалеченото село од областа, а тоа во случајов беше селото Плетвар, сместено на самиот истоимен превој, каде брзо ја најдовме и нивната убава селска црква посветена на Св. Кузман и Дамјан. Иако првичниот план беше подоцна веднаш да се спуштиме кон селото Беловодица и да ги посетиме останатите села од областа, одлучивме тоа село да го оставиме на крај и првин да ги посетиме селата лево и десно од регионалниот пат Градско-Прилеп. Освен до Беловодица, до сите останатите села во областа има единствено земјени патишта, што се одрази и на вкупната успешност на посетени села. Сите села од областа Раец се одликуваат како пусти, што се должи и на немањето соодветни патишта, со стари цркви и со некој останат жител. Во селото Никодин успеавме да го фотографираме манастирот „Св. Богородица“, како и селската црква, каде што имавме прекрасен разговор со мештанин. На враќање од тоа село се сретнавме и со свештеник кој одеше кон манастирот, кој ни раскажа дека од селото Никодин потекнувал и светецот Свети Никодин, починат за време на борбите со Турците во Романија. При крајот на експедицијата отидовме кон селото Беловодица, каде го фотографиравме манастирот „Св. Ѓорѓи“ и селската црква „Св. Никола“, од каде се пружа убав поглед на целото село. Воедно, заинтригирани од Мермерното Езеро, се упативме и кон него, но откривме дека езерото повеќе не постои и дека повторно е активиран рудникот на истото место. На враќање кон Скопје ги посетивме и двете кавадаречки села, Раец и Фариш, дел од областа, а административно во Општина Кавадарци, до кои за среќа водеше асфалтен пат, но и во двете имавме проблем со пронаоѓање на селските цркви. Иако со лоши услови во патната инфраструктура и многу земјени патишта, но и многу помалиот ден, успеавме да фотографираме девет села и да поминеме 360 километри.
ФотографииСите фотографии направени за време на викиекспедицијата се достапни во следнава категорија: Поврзано |
Portal di Ensiklopedia Dunia