Брњарци
Брњарци — село во Општина Гази Баба, во околината на градот Скопје. Географија и местоположбаСелото Брњарци се наоѓа во источниот дел на Скопската Котлина на оддалеченост од 10 километри североисточно од градот Скопје[2]. Сместено е на допирот на падината на Скопска Црна Гора од североисток и пространото котлинско дно на југозапад, при што ваквата местоположба му овозможува одлични услови од економско-стопански аспект[3]. Подножјето на југоисточната падина на Скопска Црна Гора кое се спушта од северозападен правец завршува со издаден рид кој го раздвојува Брњарци од соседното Арачиново, а на кој постои извор и соѕидана каптажа за водите кои се користат за пиење. Ридот кој се издава кон североисток отвора мал дол низ кој протекува извор со кисела вода и кој се протега надолу до сретсело каде што е соѕидана селската чешма. Брњарци е рамничарско село расположено на надморска височина од 290 метри[2]. Атарот зафаќа површина од 5,8 км2, од кои обработливото земјиште зафаќа 339,7 хектари, пасиштата 191,5 хектари и шумите 13,3 хектари[2]. Во целина селото има збиен тип, а краевите (маалата) носат име според разгранетит родови, на пример: Пупевски, Милошевски, Бунгуровски, Шоповски[3]. До селото Брњарци се стигнува по афалтирани патишта од две страни: од исклучувањето лево на влезот во Арачиново и преку поновоасфалтираниот пат кој води од Стајковци. Кога се оди од подалеку или се вози по обиколницата над селото се забележува и препознатливо доминира белата купола на селската црква. ИсторијаКога е основано денешното село Брњарци точно не се знае, но во неговата непосредна близина во границите на атарот постојат повеќе остатоци од старини. Најстарта од нив сведочи за населеност на подрачјето уште од новото камено време. На оддалеченост меѓу 500 метри и 2 километри јужно од селото постои археолошкото наоѓалиште Ирма или Латинско Гробје, на кое се познаваале прободени камења за кои селаните верувале дека припаѓале на жителите кои некогаш живееле на потегот Дрма во атарот на соседното Арачиново[3]. Според податоците на инфромативната табла поставена на сретсело, на тој потег се пронајдени и темели од поголем објект, римска некропола со надгробни плочи (стели) и стари монети, додека во месноста Тумба е откриена населба од новото камено време (неолит) со делови од керамички садови, кремени и камени орудија. На возвишението Кале кое се наоѓа на падините североисточно од селото селаните наоѓале остатоци од ѕидини, темели и делкани камења. Во турските документи од средновековиот период од XV век, односно во опширниот пописен дефтер бр. 12 од 1452/1453 година за тогашниот Скопски вилает се споменува една ненаселена мездра по име Прунарчево, Првнарчево[4], кое е блиско до името Брњарци, но поради тоа што може да се утврди нејзината местоположба, не се знае дали воопшто има некаква врска со денешното село. Во XIX век, селото е дел од нахијата Чаирско Поле (Блатија) во Скопската каза во Отоманското Царство. Брњарци било чифлик на некој Турчин од скопскиот род Котлевци чии тројца наследници до крајот на векот се разделиле со имотот, а преку купување земја чифлик направил и албанецот Ибраим-ага од с. Чајлане во пределот скопски Дервен[3]. До Балканските војни во 1912 година, Брњарци било затечено како мало македонско село со 12 домаќинства, од кои само родот Пупевци имале и работеле своја сопствена земја[3]. Веднаш по 1912 година, сопственоста на земјата преминала во раце на Македонците кои живеле во селото[3]. Во 1950 година, на местото каде што постоел камен крст над селото е изградена селската црква „Св. Петар и Павле“[3]. Според територијалната поделба на Република Македонија од 1996 година, селото Брњарци припаднало во составот на Општина Арачиново, додека со измените во 2004 година тоа влегло во составот на Општина Гази Баба. Поради стратешката положба и непосредната близина со Арачиново, во селото Брњарци за време на Битката за Арачиново во воениот конфликт во 2001 биле стационирани и дејствувале македонските безбедносни сили меѓу кои бил вклучен и ангажиран и македонскиот генерал Стојанче Ангелов. Поради овој факт и непосредната близина и опколеност со албански села (Страчинци и Арачиново), македонското население од Брњарци во годините по конфликтот е предмет на постојани притисоци, насилства од албанското население од Арачиново, кое сѐ повеќе се раширува и гради куќи во непосредната близина на атарот, патот и влезот во селото, а напасува и стока на ридовите над Брњарци. Дел од притисоците за иселување (кои се отворено јавно искажувани од Албанци од Арачиново[5]) и акти на насилство врз населението на Брњарци се убиството на 57-годишниот Гоце Заевски[6], вооружениот напад со пукање од возило врз семејната куќа на семејството Димчевски[5] на влезот од селото и прегазувањето со возило над 79-годишниот Ѓорѓи Стефановски[7] кој јавно засведочил за овој настан во 2007 година. Во повеќе наврати се напаѓани деца и сквернавни гробишта пред православни празници (2007, 2013), а последен инцидент е забележан со сквернавењето на православните гробишта со кршење на надгробните плочи и крстови на Задушница во февруари 2014 година[8]. Сепак, Македонците опстојуваат на сите притисоци и остануваат да живеат во Брњарци, обработувајќи ги своите имоти во арачиновскиот атар, а постојано се забележани македонски свадби и новороденчиња. Ваквата положба влијае и за решителноста и изразениот македонски патриотизам и родољубие кај населението на Брњарци, видлив по многубројните македонски обележја и симболи на селската чешма, игралиште како и македонски знамиња на куќите. На 29 октомври 2017 година, во пресрет на Локалните избори во Македонија, во Брњарци одново се осквернавени и искршени над 40-тина надгробни плочи.[9] Потекло и значење на иметоИмето на селото Брњарци е со македонско потекло и означува патронимско име, односно име на заедница, кое што потенува од географско именување, можеби од постаро има на вода како *Брьнја што произлегува од старословенскиот збор брьниѥ кој означува кал, калливо место[10]. Друга научна претпоставка поврзана со ова значење е дека името на селото потекнува од зборот *бърнар односно *бърняр со значење на човек што меша кал (за тули), калџија, тулар[10]. Ваквите претпоставки соодветствуваат со условите на теренот во непосредната околина на Брњарци над кое што има силни извори на вода со каллива земја, а сѐ до педесеттите години на XX век во непосредна близина на селото се наоѓало и големото познато Арачиновско или Горно Блато со многу каллива почва. Имиња на места кои потекнуваат од старословенскиот збор брьниѥ со значење на калливо место во Македонија се и с. Брник во Мариово и Брвеница за која постои таква претпоставка, а имиња како Брно, Брник, Брњак, Брњаре постојат и во други словенски земји како Чешка, Словенија, Србија (Косово) итн. Имајќи предвид дека крај селото порано имало блатно и мочурливо водесто земјиште, крај кое вообичаено растат барски растенија и ниски грмушки - прнари, постои многу мала можност потеклото името да се поврзе и на оваа основа. СтопанствоСпоред поставеноста на положбата на селото, Брњарци има поледелска функција[2]. Земјоделството е главното занимање на населението, при што секое домаќинство има од 2 до 10 хектари обработливо земјиште[3]. Највеќе се огледуваат „бели жита“ тутун и винова лоза. Во поново време во голем развој е и градинарството и одгледувањето раноградинарски култури и зеленчук од оранжериско производство под пластеници, кои се продаваат на пазарите во Скопје. Денес во Брњарци од поледелството најмногу се одгледуваат жито (пченица и јачмен) во нивите во полето под селото во правец кон Арачиново и Стајковци, и градинарските растенија односно зеленчук - кромид, лук, праз, пиперки (зелени), домати, краставици, марула, спанаќ, морков, зелка, боранија, магданос под пластеници (и отворено) насекаде низ селото како и бројни лозови насади во подножјето на ридот веднаш над селото и селската црква. Заедно со соседните околни села како Стајковци и Инџиково, производителите на градинарски производи од Брњарци се едни од најголемите снабдители на зелените пазари во Скопје со кромид, лук, праз, марула, патлиџан (домат), зелени пиперки и друг вид на раноградинарски зелечнук. Во минатото и сточарството било доста важна стопанска гранка, при што секое домаќинство имало 20 до 30 овци, а доста се одгледувале и биволи[3]. Сѐ до Втората светска војна бил раширено стопанисувањето во семејни задруги кои одгледувале поголем број на стока[3]. Местоположбата на Брњарци е доста поволна за сточарство, планинската тревната падина над селото со ретка нискостеблеста шума е поволна за напасување на овци и кози, а обилно напоените ливади во котлинското дно под селото се поволни за напасување на крупен добиток. Денес се напасува многу мал број на овци и кози и се одгледува живина во дворовите. Поради близната со градот Скопје, помал дел се занимава и со занаетчиски (превоз, столарство), трговски и други услужни дејности. Население
Според опширните османлиски дефтери за населението на Скопската Каза од 1832/33 година, селото е заведено под името Бернарче и било христијанско, со 13 христијански домаќинства. На овој попис биле забележани 18 мажи христијани, со 5 новороденчиња. Се проценува дека селото во тој период имало 92 жители. Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Брњарци живееле 84 жители Македонски христијани[11] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Брњарци имало 96 Македонски егзархисти.[12] Во 1913 година, во селото биле евидентирани 141 жител. Било центар на Општина Брњарци. Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија во 1931 година, селото имало 200 Македонци.[13] На пописот од 2002 година, селото имало 395 жители, од кои 392 Македонци и 3 Срби.[14] Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 1.254 жители, од кои 460 Македонци, 770 Албанци, 1 Србин, 4 останати и 19 лица без податоци.[15] Брњарци е средно село по големина со исклучиво македонско население и без позначајни промени во бројот на жителите. Во 1961 година селото броело 341 жител од кои 318 Македонци и 14 Албанци, додека во 1994 Брњарци имало 418 жители, сите Македонци.[2] Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
РодовиСпоред истражувањата од 1954 година, родови во селото:[3] Македонски
Турски
Албански
Општествени установиВо селото работи основно училиште до четврто одделение кое се наоѓа на самото сретсело, а во чија близина е и селското игралиште.
Самоуправа и политикаСелото Брњарци од 1996 до 2004 припаѓало на Општина Арачиново, а од 2004 година е засебна месна заедница во рамки на Општина Гази Баба со заедничка канцеларија со повеќе други села во МЗ Стајковци и технички секретар Тони Бојковски[24]. Редовни настаниСелската слава на која се одржува голем народен собор е Петровден[3], посветена на светецот на селската црква. Личности
ИселеништвоВо време на отоманското владеење од Брњарци се иселиле следните македонски родови: Ѓоревци (во с. Стајковци), Брњарци (во с. Пчиња - Кумановско), Шкатуновци (во с. Кучково), Гарбучкови (непознато), додека во подоцнежно време едно домаќинство од родот Пупевци се иселило во Скопје[3]. Во најново време забележани се иселеници во Скопје (населбите М.А. Ченто, Маџари, Автокоманда во блискиот источен дел на градот), Стајковци, како и во странство во Словенија, Германија и Италија. Презимето Брњарчевски кое во денешно време се среќава на жители во населбите Ѓорче Петров и Геге-Новоселски пат во крајниот западен дел Скопје, можно е да потекнува од луѓе со директно потекло од Брњарци или од родот Шкатуновци од Кучково доселен од Брњарци. Меѓу триесеттите и педесеттите години на XX век во селото се доселиле, па потоа си заминале следните муслимански родови: Имерови, Абдураманови (двата турски од бегалци-мухаџири од Бугарија, дојдени од Кумановско), Расимови (Албанци од Љуботен), Елезови (поалбанчени роми - „маљоци“ од Косово)[3]. Галерија
Наводи
Надворешни врски
|
Portal di Ensiklopedia Dunia