Википедија:Викиекспедиции 2017
Во текот на 2017 година биле организирани пет викиекспедиции, со кои биле опфатени следните области:
Прва експедицијаКозјачија и Средорек![]() На 18 март, нашите членови Ehrlich91, Kiril Simeonovski, Petrovskyz, M.pvsk и Нино Богдановски се упатиле кон Козјачија и Средорек, области сместени во Општина Старо Нагоричане. Бидејќи областите се карактеристизираат со раштркани села со многу маала, уште од самото исклучување од регионалниот пат Куманово-Крива Паланка, кај Младо Нагоричане, приклучивме ГПС-апликации, со кои после тоа ќе одредиме која фотографија на кое место била фотографирана со цел поточно одредување на маалата и кое маало на кое село припаѓа. Како и обично, за сите експедиции, тргнуваме веќе спремни со сите можни податоци кои можат да се изнајдат за таа област и што вреди таму да се посети. Воедно, искуството досега секогаш ни вели дека е најпаметно да се тргне со најоддалечените села во областа, а подоцна да се спушташ кон низинските подостапните села. Така и овој пат, најпрвин се упативме преку Драгоманце и Жегљане кон Длабочица. Сепак, поради земјениот пат, завршивме само до селото Арбанашко, село на неколку километри од познатото Кокино со неговата опсерваторија, каде откривме недоизградена црква, која по сите податоци сме сигурни дека е „Св. Спас“, започната во 1938 година, но недоизградена поради војната. Во близина на црквата се наоѓаат и самото подрачно училиште, како и голем споменик од НОБ. Иако, Кокино веќе еднаш го имавме фотографирано во текот на нашето целоноќно патешествие на астроекспедицијата во 2015 г., направивме подобри фотографии од самото село, како и на целата област Козјачија. Подоцна се спуштивме до некогашниот парохиски центар, селото Жегљане, за кое потрошивме време да сфатиме како да му пристапиме, иако го гледавме селото од далеку. За среќа што бевме со џип, па се снајдовме по земјениот пат надолу. Некако со помош и разговор на малкуте мештани, дојдовме до селската црква и поранешното училиште. Заклучивме сите дека црквата е во исклучително лоша состојба. Продолживме кон Драгоманце, при што панорамски ги фотографиравме селата Карловце, Степанце, Врачевце и Пузајка. Во Драгоманце, се наоѓа самото централно училиште „Христијан Тодоровски-Карпош“. Според Гугл и според изворите, во селото постои црквата „Св. Јован“, но иако ги следевме сите насоки, наидовме само на празна полјана на местото на кое требаше да има црква, па поради тоа се откажавме. Од Драгоманце, продолживме кон север, во насока на селата Пелинце и Челопек. Се движевме по најкатастрофалниот регионален пат во Македонија, пат оставен во мизерни услови, иако води кон меѓународен граничен премин и до еден од најважните музеи на македонската држава, Музејот за АСНОМ со реплика на собата од првото заседание. Го посетивме самиот музеј, кој и самиот се наоѓа во лоша состојба, особено неговото опкружување, со запалени дрвја, сеча на паркот околу, несреден двор. Подоцна, се упативме кон маалото Златанци, каде се наоѓа црквата „Св. Ѓорѓи“ на селото Пелинце. Во Челопек, повторно имавме лажна тревога, барајќи ја црквата. Иако на карта и по податоците, постоела црква „Св. Троица“ во маалото Вишинци, мештаните на тоа маало ни укажаа дека таму нема таква црква и дека има само остатоци од црква во соседното маало. Продолживме кон Забелски манастир, атар на Никуљане, овој пат по нов асфалтиран пат, но сепак пристапот до манастирот е земјен пат, поради што имавме вистинска авантура. Кон крајот на денот, ги посетивме двете најголеми села, Старо и Младо Нагоричане (или Нагоричино), каде има значајни културни и природни споменици, како црквите „Св. Ѓорѓи“ (многу слична на манастирската црква во Матејче), како и двете цркви во близина на Костоперската Карпа, природна реткост покрај самиот регионален пат. За крајот на денот, целта ни беше да се обидеме да го најдеме Карпинскиот манастир, атар на Орах, но сепак поради каллив пат, се откажавме и можеби во некоја идна прилика ќе се осудиме да го посетиме. Експедицијата помина добро, со опфатени 12 села (или 13 села, ќе видиме по маалата).
ФотографииСите фотографии направени за време на викиекспедицијата се достапни во следнава категорија:
Втора експедицијаБојмија
Викендот (22-23 април) пред закажаниот референдум во Општина Гевгелија против изградбата на рудниците со отворен коп за злато, нашите членови Ehrlich91, Kiril Simeonovski, Petrovskyz, M.pvsk и Нино Богдановски се упатиле кон историско-географската област Бојмија, која денес се простира низ три општини во Македонија (Гевгелија, Богданци и Валандово) и низ неколку општини во северниот дел на Грција. Се упативме кон Гевгелија уште во текот на 21 април (петок) со цел започнување на експедицијата наредниот ден порано и избегнување на патот до Гевгелија од Скопје во текот на истиот ден кога ни беше и предвидено посета на селата од Општина Гевгелија. Како што започнавме од претходната експедиција, со започнувањето на експедицијата повторно ги приклучувме нашите ГПС-апликации (во случајов Страва) со цел следење низ селата, со што подоцна може да се одреди која фотографија на кое место била фотографирана. Селата во Општина Гевгелија (вкупно 17), кои меѓусебно се многу оддалечени, а слабо поврзани со асфалтни патишта, ни наметнаа проблем и ни одземаа скоро цел ден во нивна посета. На крајот на денот сепак не успеавме да ги посетиме Богородица (кое е и на другата страна на Вардар), Мрзенци (каде веќе нè стемни) и Петрово и Габрово (до кои воопшто не ни појдовме). За разлика од досегашните експедиции започнавме со фотографирање од најдолното село, односно започнавме со Моин, веднаш со самиот град, а подоцна се движевме кон Смрдлива Вода. Движејќи се по текот на Коњска Река, ги посетивме и селата Ново Конско и Конско, како и самото излетничко место Смрдлива Вода. Пред Конско се исклучивме од главниот пат и го посетивме мегленовлашкото село Ума, кое денес е целосно раселено и има живот само во летниот период. Дента кога го посетивме имаше многу луѓе заради планираниот планинарски марш, а во самата селска црква се спремаше грав за учесниците. По враќањето во Гевгелија се упативме кон Негорци, кое се покажа како средиште за останатите, иако најпрвин мислевме дека од Кованец директно ќе стигнеме во Серменин, сепак се покажа дека бил изграден делумно асфалтиран пат од Негорци. Иако медиумите во 2014 година пренеле дека постои асфалтен пат до Серменин, сепак на терен има прекин и се вози по земјен пат околу 3 километри. Поради тоа, иако планирани селата Петрово и Габрово не беа посетени од наша страна. Веќе кон крајот на денот се движевме кон Смоквица, од каде до Миравци возевме по новоизградениот автопат, при што Милетково го фотографиравме само панорамски. Првиот ден го завршивме во Давидово, а заслужениот ручек/вечера ни беше во селото Мрзенци.
Бидејќи во Мрзенци стигнавме приквечерина, вториот ден го започнавме токму од таму. Целта ни беше фотографирање на главната селска црква изградена на самиот Мрзенски Рид, од каде се пружаше и добар поглед на самото село. Подоцна, продолживме со селото Богородица и селата од Општина Богданци. Најпрвин, го посетивме селото Стојаково, од каде се упативме кон Селемли, од каде поради поголема височинска разлика добивме прилика да ги фотографираме и двете села панорамски. Во Селемли изгубивме време додека го најдеме малото Селемлиско Езеро. Со сличен проблем се соочивме и во Ѓавато, каде не можевме да ја најдеме селската црква. Иако вообичаено не фотографираме градови на нашите експедиции, сепак самата можност за панорамска фотографија од Богданци, како и поминување низ него ни даде можност за негово опфаќање во нашата експедиција. За да стигнеме до селата од Општина Валандово поминавме низ подрачјето на Општина Дојран. Прво фотографирано село од оваа општина беше Раброво, кое се наоѓа до самиот град Валандово. Подоцна се упативме кон блиските села Брајковци, Балинци и Марвинци, како и малку подалечното Грчиште, сместено на самиот лев брег на Вардар. Кон крајот на денот и пат кон Скопје ги посетивме големите села Пирава, Јосифово (како и неговиот издвоен дел Калково), а на самиот крај на денот и Удово, каде што се искачивме и до самата костурница на српските војници.
Со поминати 600 километри во два дена, опфатени 26 села, 2 града и 1 излетничко место, експедицијата помина повеќе од одлично.
ФотографииСите фотографии направени за време на викиекспедицијата се достапни во следнава категорија: Трета експедицијаПорече![]() Порече, огромна област, со бројни села и логистички тешка област, поради мноштвото села раштркани на околните планини како Сува Гора и Добра Вода, со што пристапот до секое од нив е искачување на големи брда пред себе. Сепак мора да се признае, огромен успех за нашите тројца Википедијанци, составени од Ehrlich91, Kiril Simeonovski и Полупрофесионален Шофер, кои претходниот тридневен викенд го поминаа во оваа блиска, а толку далечна област. Искористувајќи го патниот правец преку природниот резерват „Јасен“, каде што летно време до 09:00 часот наутро може да се премине до Близанско, тргнавме рано утрината во саботата (24 јуни). Експедицијата започна веднаш со посета на двете села на левиот брег на вештачкото езеро Козјак, Здуње и Близанско, до кои се стигнува преку мостот преку езерото. До мостот води целосен асфалтен пат, кој е во добра состојба, но оттука има поставено табла дека патот е во изградба и тоа трае до селото Белица, каде што бевме сместени, на самата Белешничка Река.
Првиот ден сакавме да ги опфатиме сите села од поранешната Општина Самоков, но веднаш увидовме дека тоа е голем подвиг. Почнувајќи од Калуѓерец, Инче, Зркле, Лупште..., селата се редеа едноподруго, и до секое патот водеше само до него, со што за секое од нив моравме да трошиме време да отидеме и да се вратиме до главниот пат, со што увидовме дека нема да биде воопшто лесна задача. Исто така, многу потешка задача ни беше пронаоѓањето на преостанатите цркви во селата, со оглед на испустеноста на селата, каде што одвај и да најдовме некој мештанин да проговориме.
Вториот ден повторно ни започна во поранешната Општина Самоков. Подоцна продолживме во средиштето на денешната Општина Македонски Брод, знаејќи дека наредниот ден ќе се враќаме преку Кичево, со што преостанатите села во долниот дел на општината, намерно ги оставивме на одење. Пеколниот бран на температури веќе се чувствуваше во неделата (25 јуни), но движејќи се низ шумските делови на Порече, скоро и да не го почувствувавме, но повторно се боревме во тоа да ги изнајдеме сите цркви претходно запишани во нашиот тефтер. Скоро и да станавме махери во разликување на сателитски снимки од нашите мобилни уреди.
Третиот ден ни останаа само малку села за посета, со што иако на почетокот на првиот ден подвигот за посета на 50 села во целата општина ни изгледаше далечен сега бевме на 30 села во претходните два дена. Сепак од нив, 8 не можевме да ги посетиме поради лошите и неасфалтирани патишта, поради што третиот ден го започнавме со 12 села пред нас. Буквално, последното село, Ижиште, над Пласница, го посетивме во последните моменти пред да заврне, но и со неговите фотографии се упативме кон Скопје за завршувањето на успешната експедиција.
Со 42 посетени и фотографирани села, толку и повеќе цркви, бројни панорамски фотографии и поминати над 700 километри во три дена, поставивме нови рекорди на овој наш необичен проект.
ФотографииСите фотографии направени за време на викиекспедицијата се достапни во следнава категорија: Четврта експедиција![]() РекаРека, област во која се испреплетуваат религиите, јазиците и народите со преубава околина, шумски подрачја, високи планини и многу реки. Иако, првично ни беше планот да ја посетиме само областа Горна Река, сепак пред одржувањето на експедицијата ги додадовме и долнореканските села во нашиот список на посета. Експедицијата започна уште во текот на попладневните часови во петокот (28 јули), кога се упативме кон нашето сместување, новоотворениот хотел „Кораб Трница“ во истоименото историско село, од каде ни се пружаа патиштата кон целата област.
Во согласност со нашиот претходен план, првиот ден го отпочнавме со посета на горнореканските села, до кои води тежок земјен пат, по кој направивме цел круг. Отпочнавме над Маврови Анови со асфалтниот пат до селото Врбен. Од Врбен, продолжува земјениот пат, кој води до селата Богдево, Кракорница, Бродец, како и Ничпур и историското село Стрезимир, каде моментално се наоѓа караула на граничната полиција. Овие тешки предели пружаат неверојатни погледи на врвовите на Кораб и на последните огранки на Шар Планина, а од секаде блика вода која се собира преку каптажи направени пред 70 години во рамки на сложениот хидросистем „Маврово“. Како втор дел од нашиот прв ден се состоеше обид за посета на преостанатите горнорекански села, односно селата долж Длабока и Рибничка Река, како Нистрово, Рибница, Бибање, до кои успеавме да дојдеме со нашето возило. Останатите четири села не беа посетени од наша страна, поради тешките патни услови, па остануваат за посета на друг начин.
Вториот ден го започнавме со посета на селото Волковија, кое се наоѓа над Трница и до кое води асфалтен пат. Потоа, почнавме со ред да ги посетуваме долнореканските села, почнувајќи од обете страни на Радика, од Сенце до Скудриње, на крајот од денот. Иако асфалтни патишта, селата со своите височини сместени на високите падини на планините, беа вистински предизвик за посета. За разлика од горнореканските села, кои поради самите патни услови, скоро и да не сретнавме некој преостанат жител, во долнореканските села се забележуваше живост, благодарение и на вратените иселеници, кои својот одмор го поминуваат во селата. Особено живо беше селото Жировница, кое буквално наликува на мал град. Покрај опфатени села, цркви и џамии низ селата, го посетивме и познатиот Дуфски Водопад, сместен на 20-тина минути пеш од селото Ростуше.
Експедицијата во Река ја завршивме со 23 посетени и фотографирани села и 2 историски месности (поранешни села), како и многубројни верски објекти, бројни панорамски фотографии и поминати над 400 километри во два дена.
ФотографииСите фотографии направени за време на викиекспедицијата се достапни во следнава категорија: Петта експедиција![]() Општина КавадарциНа петтата експедиција за 2017 година се упативме кон Општина Кавадарци и овој пат немавме одредено една област за посета, туку повеќе помали области, од кои најбитно ни беше да ги опфатиме селата од поранешната Општина Конопиште, сместени на крајниот југ од денешната општина.
Така, тргнувајќи од Скопје на 16 септември (сабота) во раните утрински часови, веднаш се упативме кон најоддалечените села во општината, Рожден и Мајден, кои претставуваат дел од Тиквешко Мариово. До Мајден води неасфалтиран макадамски пат, но сепак самиот пат е во солидна состојба, а рамниот терен до селото го олеснува движењето. По посетата на Мајден, се вративме кон Мрежичко, каде е сместена фабриката „Кожувчанка“, а на раскрсницата на регионалниот пат свртевме кон поранешното општинско средиште Конопиште, каде се наоѓа седиштето на втората фабрика за вода, „Горска“. Оттука, по земјен пат продолживме кон бошавичките села, посетувајќи го најпрвин селото Горна Бошава, каде имавме интересен разговор со мештаните и ја пробавме локалната мастика. По краткиот одмор и откако се поздравивме со нашите домаќини, се упативме кон Бошавичкиот манастир и останатите села во Бошавијата. На крајот на денот се сместивме на крајбрежјето на Тиквешкото Езеро во поранешното село Брушани, кое денес е прераснато во викенд-населба.
Вториот ден го започнавме со изнаоѓање на новоизградената црква во селото Брушани, а подоцна и посета на селата околу комбинатот ФЕНИ, при што во селото Возарци, кое се верува дека името го добило, бидејќи куќите биле наредени како „воз“, клисарот во црквата ни укажа на старата црква „Св. Ѓорѓи“, за која немавме податок, дека била запалена од невнимание со управување на згурата од страна на комбинатот „ФЕНИ“. Денес, црквата е повторно изградена со средства на ФЕНИ, но опасната згура се наоѓа преблизу до селото и до двете селски цркви. Подоцна, отидовме да ги посетиме селата Ресава, Бегниште и Дабниште, а за жал поради раскопаниот земјен пат не успеавме да го посетиме иселеното село Кошани. По појадокот во Кавадарци се упативме кон Ваташа, која е целосно споена со градот. Таму, искачувајќи се на блискиот рид, каде се гради нова црква направивме убава панорама на самиот град Кавадарци и Ваташа, село или веќе приградска населба. Кон крајот на денот се упативме кон селото Гарниково, од каде потекнува академикот Блаже Ристовски, каде ја најдовме старата црква „Св. Мина“, една од ретките цркви со тоа име низ Македонија. На крајот на денот ги посетивме рамничарските села на другата страна на Кавадарци, Глишиќ, Марена и Сопот.
Експедицијата во Кавадарци ја завршивме со 21 посетено и фотографирано село и 2 историски месности (поранешни села), како и многубројни верски објекти, бројни панорамски фотографии и поминати над 500 километри во два дена.
ФотографииСите фотографии направени за време на викиекспедицијата се достапни во следнава категорија: Поврзано |
Portal di Ensiklopedia Dunia